|
Манастир Св. Јован Претеча - с. Слепче

За време на владеењето на цар Самоил во Демирхисарско биле изградени многу
манастири и цркви. Градбата на Црквите и манастирите била директно помагана од
Охридската архиепископија. Еден од најголемите и добро сочувани манастирски
комплекси во Демирхисарско и пошироко претставува манастирот посветен на св.
Јован Претеча, кој се наоѓа под падините на планината Илиница, над селото Слепче.
Точниот датум на основањето на манастирот не е познат. Но, според извесни
податоци (во 1393/4 год. овде е препишан еден триод на старомакедонски јазик) се
претпоставува дека е изграден во 14 век.
Манастир Св. Никола Топлички

Од многуте цркви и манастрири по староста, работењето и живописите се
издвојува манастирот Св. Никола Топличкиво регионот помеѓу селата Жван и
Слоештица, изграден во 14 век. Со сигурност се знае дека во 1537 год. повторно е
изведен живопис во внатрешноста на цркавта.
Црквата Св. Никола претставува еднокорабна црква, со поголеми димензии во однос
на тој тип цркви градени во Македонија. Во основата има форма на впишан крст од
стеснет тип, а прекриена е со полукружен свод. Околу неа се наоѓаат остатоци од
некогашните двокатни конаци, што ја опкружувале од северната, јужната и
западната страна.
Манастирот е ставен под заштита од Институтот за заштита на спомениците на Р.
Македонија.
Манастир Добромирово - с. Слепче

Според легендите, манастирот „Добромирово“ е поврзан со војсководецот
Добромир на Самоиловата војска.
Во неговите конаци низ вековите свој одмор наоѓале и македонските самостојни
владетели Добромир Христ и Добромир Стрез. По нивното име манастирот го добило
името „Добромирово“.
Слава на манастирот е Велики Петок, по Велигден и Илинден. Денешната манастирска
црква е изградена на помал дел од старите темели. Во непосредна близина на
манастирскиот двор се подигнати нови конаци. Во нив можат да се одморат,
преспијат и да останат неколку дена љубителите на природните убавини и чистиот
планински воздух. Во близина на манастирот се наоѓа „Самоиловата чешма“. Таа кај
народот е позната по нејзината лековита вода. Луѓе кои бараат спас од некоја
болест доаѓаат за да се напијат и налеат вода. |